Селект бенд од Охрид со нов самостоен видео проект


Добро одбрани македонски народни хитови во новиот видео проект од охридскиот Селект бенд. Мора да потенцираме дека проектот е отсвирен и отпеан во живо, а видеото го снимаше ИН Продукција.

Видео проект со добро одбрани македонски хитовски песни снимија момците од Селект бенд од Охрид. Снимањето помина во одлична атмосфера крај Охридското крајбрежје, во вечерните часови, на една од најпознатите плажи во Охрид, “Park Golden beach”. Целта на проектот како што вели вокалот на бендот, Љупчо Аслимоски е да се зачува традиционалната македонска песна.

-Овој проект беше наменет со цел да се зачува традиционалната македонска музика, да ја натераме публиката се повеќе да ја слуша народната песна. Тоа се кавери сите во живо, ги отсвиривме, ги отпеавме. Почнувајќи од “Жал за Деспина”, “Бисера” и некои свадбарски традиционални песни “Врања коња јавам јас” итн.-открива Аслимоски, за естрадниот магазин Естрада плус.

Со оглед на тоа што проектот е отсвирен и отпеан во живо, Љупчо вели дека им бил потребен еден ден за комплетирање на истиот. Проектот е снимен во студиото на Љупчо Соколовски-Бубе во Скопје.

-Се надеваме дека ќе биде уште повеќе прифатен бидејќи песните се веќе доста слушани и популарни меѓу народот, само ете и ние да ги промовираме и јавноста да ги слушне и во наша изведба.-додава тој.

Видео проектот е во соработка со ИН Продукција, а ќе биде промовиран деновиве на сателитската ИН ТВ.

Author: FOLKCLUBTV

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *